Територијаните претензии се лоши, освен ако...

Живееме во време во кое и најбезопасна изјава на македонски политичар се третира како територијана „претензија“ од страна на источниот сосед. Но, што правиме во ситуација во која најголемите политички ѕвезди во братска Бугарија всушност имале коалиција со партија со претензии кон Македонија и Србија?

Добрососедство, ама само еднострано!

Во овој контроверзен период за македонската политика кога и владеачката партија не е обединета како едно во преговорите со Бугарија, неодамна го добивме и очекуваното „НЕ“ од страна на веќе познатите Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов. ВМРО-БНД и Каракачанов бараат нов договор со Македонија, а како главна причина за неславното „НЕ“ Захариева го наведе говорот на омраза присутен во македонската јавност. 

Секако, изјави од ваков тип се крајно иронични кога доаѓаат од страна на припадници (Каракачанов) на партијата која со години го потиснува македонското население во Бугарија. Од саботирање на македонски организации во Бугарија до разни провокации и криминални дејствија, БНД ни е веќе позната како националистичка партија. Но, што правиме во ситуација во која најголемите политички ѕвезди во братска Бугарија всушност имале коалиција со партија со претензии кон Македонија и Србија?

Красимир Каракачанов (БНД) и Екатерина Захариева (ГЕРБ)


Коалицијата со Атака

Партиски портали и во двете држави често ги манипулираат изјавите на политичарите со цел на поттикнување на омраза измеѓу народите. Иако бројот на политичари кои отворено прикажуваат територијални претензии спрема една од двете држави е мал, не значи дека е неважен. Во македонскиот блок, вакви изјави доаѓаат од главно нерелевантни партии кои немаат никакво влијание во меѓусебните односи на Македонија и Бугарија.

Во бугарскиот блок, како дел од Обединетите патриоти заедно со БНД, присутна е Атака, екстремно десничарска партија која е една од најголемите партии во Бугарија. Лидерот на партијата, Волен Сидеров, претседателските избори во 2006 година ги заврши на второ место, зад избраниот Георги Прванов. Радикалните политики на Атака добиваат сè поголем замав во последните години, а тие на последните избори во 2017 освоија 11 пратенички места, три повеќе од партијата на Каракачанов (нивната коалиција заедно доби 27 места во парламентот).

Сидеров и изјавите против Македонија и Србија

Волен Сидеров е познат по неговите теории на светски заговор, анти-масонски теории како и ширење на анти-турска и анти-исламска пропаганда. Секако, не би бил бугарски десничар ако не шири говор на омраза спрема македонскиот идентитет. Во повеќе наврати има изјавено дека Македонија припаѓа на Бугарија, но најспецифична беше изјавата за одредени региони во Србија и Македонија.

Волен Сидеров (Атака)

Една од најконтроверзните изјави на лидерот на Атака е кога изјави дека регионите на Босилеград и Димитровград во Србија, како и струмичкиот регион во Македонија треба да бидат предадени на бугарската држава. Тој наведе дека како региони исполнети со „бугарски“ жители, нивната територија треба да биде предадена на Бугарија. Сидеров смета дека договорот потпишан со Југославија е неважечки бидејќи федерацијата веќе не постои.

Кога веќе секоја политичка изјава ја сметаме за провокација, би било добро Каракачанов и Захариева да си ја погледнат својата страна. Или барем, македонскиот блок да ги посочи отворено анти-македонските политики на коалиционите партнери на БНД. Но, со неодамнешната изјава на премиерот, можеби тој и се согласува со ставот на Сидеров по струмичкото прашање.

 

Comments